Петок, 11 Јуни 2010 14:25

Дојде денот кога започнува Светското првенство 2010 во Јужна Африка, денот кога фудбалот го започнува своето едномесечно апсолутно владеење.
Се е подготвено за спектакл, сите очи се вперени кон Јужна Африка, денеска започнува Светското првенство во фудбал.
Фудбалската треска почнува да дрма, се е посветено на најголемиот настан на планетата, овој пат за прв пат во историјата на африканско тло.
Тоа го прави овој мундијалот уште поинтересен, Африка, континентот кој му има дадено многу на светскиот фудбал преку своите фантастични фудбалери, за прв пат ќе биде домаќин на фудбалскиот спектакл наречен Светско првенство.
Вувузелите ќе доминираат, Африка ќе го слави фудбалот, првенството ќе биде поинакво од сите досегашни, ќе има африкански шмек, нешто што досега недостасуваше.
Може ли Црвената Фурија да ги повтори настапите од Европското првенство кога одигра перфектен шампионат и се искачи на тронот, Шпанија е главен фаворит во Јужна Африка и според она што го прикажува на теренот, заслужено го добива тој епитет.
За разлика од Европското првенство, Шпанија на мундијалот ќе биде предводена од нов селектор, Винсенте дел Боске го замени Луис Арагонес. Со оваа промена Шпанија не загуби апсолутно ништо, докажаниот Дел Боске успешно го продолжува она што го започна Арагонес, но останува да видиме дали ќе може да ја однесе Фуријата на врвот на светот.
Бразил е секогаш меѓу најголемите фаворити, Карлос Дунга е уверен во својата работа иако многумина го критикуваат за изоставувањето на ѕвездите како Роналдињо, Пато, Адриано.
Дунга го лансираше Бразил до титула на генералната проба пред Светското првенство, Купот на Конфедерациите. Карлос знае како да го предводи тимот до освојување на Светските првенства, во 1994 година ја имаше улогата на капитен кога Бразил го подигна големиот трофеј во САД, овој пат ќе се обиде да го направи истото, но како селектор на Кариоките.
Англија предводена од Фабио Капело започна да ужива многу поголема почит, нешто што Гордиот Албион го загуби во изминатите децении.
Господинот кој носи титули, каде и да се појави, Фабио Капело им ја даде онаа неопходна сигурност, самодоверба, тактика која ја немаа Англичаните претходно, но вистинскиот тест допрва следува.
Англиската фудбалска јавност очекува најмногу од Вејн Руни кој имаше блескава сезона и со право се смета како најважната алка во составот на Фабио Капело.
Фудбалскиот Бог, Богот на Аргентина, Диего Марадона ќе се обиде и како селектор да го направи она што го има направено и како фудбалер, да ја однесе славната селекција на врвот и да ги замолкне сите критичари кои можеби и реално според резултатите и игрите на селекцијата немаат доверба во селекторските квалитети на Армандо.
Но Марадона е Марадона и се е можно, особено доколку се погледне составот на Аргентина предводен од дијамантот на светскиот фудбал Лионел Меси, помогнат од фантастичните Игуаин, Милито, Агуеро, Тевез...
Како што кажа и самиот Марчело Липи, Италија никогаш не е главен фаворит на Светските првенства, така е и овој пат.
Азурите не блескаат, но тоа е селекција која знае како да игра на големите натпреварувања, има искуство и на клупата и на теренот, па нема да биде изненадување доколку биде присутна и на последниот натпревар од мундијалот.
Германија се соочи со многу проблеми пред почетокот на Светското првенство, го загуби предводникот на тимот, капитенот, Михаел Балак, човекот кој внесуваше посебна мотивација во тимот, сепак избраниците на Јоаким Лев и не се така слаби, важат за фаворит од сенка но можат да изненадат.
Холандија веројатно ќе го игра најубавиот фудбал на Светското првенство, Лалињата имаат убиствена офанзива, и доколку успеат да ги надминат честите малери со повредите можат да одат далеку на овој турнир па и да бидат кандидати за титулата до која неколку пати биле блиску но никогаш не ја освоиле.
Франција е посебна приказна, Рајмонд Доменек иако ги потроши сите кредити, ја доби довербата и на ова Светско првенство да ја води репрезентацијата. Галските Петли имаат фантастична генерација, супер состав, но диригентот е промашен. Очекувањата се дека Франција ќе има уште еден лош настап, останува да видиме.
Африка покрај тоа што е домаќин се надева и на успех на теренот, африканските земји целат кон пласман во полуфиналето и најголемиот натпреварувачки момент за нив во историјата на Светските првенства.
Брегот на Слоновата Коска и Гана се двете најдобри селекции од овој континент, но уште на стартот ќе имаат тешка задача бидејќи се најдоа и во двете најтешки групи. Тука се и Кмерун и Нигерија кои можат да изненадат, но и домаќинот Јужна Африка носен од звукот на Вувузелите.
Остануваат само уште неколку часа, кои со нетрпение ги очекуваме сите, шоуто може да започне, започнуваат деновите кога се слави Африка, кога се слави фудбалот!
Извор:www24fudbal.com.mk